И покрај поразот од Аргентина со 0:2 во последното коло од групната фаза, репрезентацијата на Полска се пласираше во осминафиналето на Светското првенство. Во таа фаза од турнирот во Катар ќе играат против Франција. Полскиот голман Војчех Шчесни го коментираше натпреварот против Аргентина на кој му одбрани пенал на Лионел Меси.
„Игравме против тим над нашето ниво, а на такви натпревари победуваш еден од сто пати. Не успеавме, но мислам дека првпат сум среќен поради поразот“, изјави полскиот репрезентативец и додаде:
„Знаев дека ќе ме насочи кон мојата лева страна ако ударот биде силен. Видов дека не застана, го почувствува тоа, тргнав и одбранив. Мило ми е, таа одбрана ми значеше толку многу“.
На крајот му порача на неговиот син, дека сепак ќе остане во Катар.
„Целото мое семејство е во Варшава и заедно ги гледаат натпреварите. Те сакам Лиам. Тато не се враќа дома“, рече тој на крајот.