Во недела од 13 часот во меч од 17.коло во ПМФЛ, лидерот на табелата тимот на Струга Трим Лум на свој терен ќе ги одмери силите со А. Пандев. Во случај на победа тогаш стружани и дефинитивно ќе станат есенски шампиони и на зимска пауза ќе одат како лидери. Можат и со реми, но тогаш Шкупи не треба да го победи тимот на Брегалница. Сепак настрана сите калкулации, Струга ТЛ е речиси есенски шампион, со тоа се сложува и Бесмир Бојки, еден од најдобрите фудбалери на Струга ТЛ, поранешен младински репрезентативец, роден стружанец.
Бојку за „Спортмедиа“ во пресрет на неделниот меч со А. Пандев истакна:
„Тежок меч за нас, јас лично како и сите во клубот и тоа како ја респектираме екипата на А. Пандев. Тие не го заслужуваат тоа место на кое што се сега на табелата. Сепак нам ни се потребни бодовите, сакаме победа, тоа не го криеме, сакаме со стил да ја завршиме есенската полусезона. Ќе одиме на победа во недела, но ќе одиме на победа и на последниот меч со Скопје на гости. Реков, одиме по сите шест бодови, ќе играме како што и досега игравме. Го респектираме секој ривал, но се цениме и себе си“ вели Бојку.
Инаку тој не крие дека како фудбалер роден во Струга и тоа како му значи што игра за клуб од неговиот град и што тој клуб има шанса и за титулата.
„Да, апсолутно сум горд што играм за Струга Трим Лум. Што играм за тимот кој е прв и кој што оваа есен покажа дека поседува квалитет за големи нешта. Реално имаме големи шанси да бидеме есенски шампиони. Но она главното треба да следува на крајот. Свесни сме дека напролет ќе биде уште потешко, но ако сега можеме да бидеме први зошто и на крај да не завршиме како прваци? Сепак рано е за такви математики. Струга ТЛ оди од меч во меч, нас не интересира само тоа што ќе биде во недела, на следниот натпревар. Таму се нашите мисли“ вели Бојку кој во својата кариера има играно и за Македонија ЃП, Работнички, Шкендија, Шкупи, Фероникели на Косово и сега е веќе 1,5 година во Струга ТЛ.
За крај Бојку го откри рецептот зошто оваа есен Струга ТЛ бележи така одлични резултати.
„Покрај тоа што имаме одличен тим, одлични поединци, да не зборувам за стручниот штаб како и за раководството и спонзорот, најважно е што сите ние во клубот сме другари. Таа наша поврзаност на другарска основа ни помага и кога некогаш не оди да ги надминеме пречките. Затоа и е така како што е во Струга Трим Лум, тим кој што оваа есен едноставно испишува клупска историја“ заврши еден од најдобрите фудбалери на Струга Трим Лум без кого едноставно не може да се замисли средниот ред на лидерот.