Претседателот на Германската фудбалска федерација, Бернд Нојендорф, вети дека ќе го анализира неуспехот на репрезентацијата на Светското првенство во Катар, која вторпат по ред беше елиминирана во групната фаза. Тој не појасни каква е иднината на тренерот Ханси Флик кој има договор до 2024 година.
Во наредните недели Бернд Нојендорф, Ханси Флик, менаџерот на тимот Оливер Бироф и потпретседателот на федерацијата Ханс-Јоаким Вацке ќе се сретнат за да „разговараат за ситуацијата“.
„Моите очекувања се да направиме спортска анализа на турнирот. И да развиеме перспективи со поглед на Европското првенство чии домаќини ќе бидеме ние“, објасни претседателот при полетувањето на експедицијата од Доха.
Флик уште вчера изјави дека е подготвен да ја продолжи авантурата со националниот тим до крајот на Европското првенство во 2024 година.