Ѕвездата на Бразил, Нејмар, се врати на тренинзите пред осминафиналето на Светското првенство во Катар во кое „кариоките“ се среќаваат со Ј. Кореја. Нејмар учествуваше на денешната тренинг сесија и работеше со топка, изведувајќи удари кон голот на само два дена пред следниот натпревар на тимот.
Добрата вест за петкратниот светски шампион дојде истиот ден кога левиот бек Алекс Телес и напаѓачот Габриел Жесус беа исклучени од тимот поради повредите здобиени во петочниот пораз од Камерун со 1-0.
Нејмар не тренираше откако се здоби со повреда на десниот зглоб на првиот меч на Бразил против Србија. Лекарите на бразилскиот тим, сепак, не дадоа точна информација за состојбата на Нејмар или дали тој ќе биде достапен за натпреварот против Ј. Кореја.