„Кенгурите“ ги намачија, но Меси ја однесе Аргентина во четвртфинале (ВИДЕО)

145

Аргентина е вториот четвртфиналист на СП во Катар, откако вечерва ја совлада Австралија со 2:1. „Гаучосите“ до триумфот стигнаа со головите на Лионел Меси во првото полувреме и на Хулијан Алварез во вториот дел. За Меси ова беше деветтиот гол во дресот на „гаучосите“ на светските шампионати и тоа во неговиот јубилеен 1000-ти натпревар во кариерата.

Во 35. минута „гаучосите“ искомбинираа на десната страна, Мекалистер го пронајде Отаменди во шеснаесетникот на Австралија, тој само му ја додаде топката на Меси, а капитенот на Аргентина со прекрасен удар го погоди долниот десен агол на австралискиот голман.

На стартот од вториот дел, селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, реши да го извади Гомез од игра и наместо тоа да го испрати стоперот Лисандро Мартинез на теренот, со што во продолжението играше со тројца стопери. Аргентина го зголеми водството во 57. Минута, кога капитенот на Австралија, Метју Рајан направи кардинална грешка, му ја остави топката на Хулијан Алварез, а на напаѓачот на Манчестер Сити не му беше тешко да постигне гол за 2:0.

Иако се чинеше дека се е решено, „кенгурите“ не се предадоа. Во 77. минута резервистот Крис Гудвин се обиде од далечина, а топката на патот кон голот го погоди во глава Енцо Фернандез, го смени правецот и се најде во мрежата на Емилијан Мартинез. По овој гол Меси му намести две чисти шанси на Лаутаро Мартинез за да ја запечати победата, но напаѓачот на Интер не искористи ниту една.

Малку недостасуваше во последната минута од продолжението, Австралија да израмни на 2:2, но благодарение на една бравурозна одбрана на Мартинез, „гаучосите“ успеаја да се пласираат во четвртфиналето каде ги чека меч со Холандија.

ПретходноДончиќ со 30 поени ја освои „Медисон Сквер Гарден“ (ВИДЕО)
СледноНејмар се врати на тренинг, но никој не кажува дали ќе игра против Ј. Кореја