МЗТ гостин кај поранешниот македонски селектор: Во Лакташи ќе се бориме до самиот крај!

195

МЗТ Скопје дојде до посакуваниот втор триумф во АБА-лига. Сега актуелниот македонски првак не е на дното на табелата во јадранското натпреварување, а добрата игра против Мега им даде ветер во грб на кошаркарите, но и ја заголеми самодовербата која дефинитивно ќе биде потребна во голема доза за денешната средба.

Александар Петровиќ и неговите момци се гости на поранешниот македонски селектор, Драган Бајиќ и неговата Игокеа. Противникот е на седмото место на табелата со скор од четири победи и исто толку порази. Предводникот на МЗТ Скопје најави максимална борба до последна минута, чекајќи ги своите пет минути.

„Пред сѐ, очекувам добар натпревар бидејќи Игокеа е една од екипите кои играат најубава кошарка во АБА-лигата. Најопасна им е надворешната линија, на која посебно ќе посветиме внимание. Ако успееме да ги сопреме нивните бекови и ако ја исконтролираме нивната игра ‘два на два’, тогаш ќе може да се надеваме на добар резултат. Во Лакташи сигурно не одиме однапред да се предадеме, туку одиме да се бориме до самиот крај. Па, ако ни се укаже можност, ќе сториме сѐ за да го изненадиме силниот домаќин.“

Бојан Крстевски, очекува уште еден тежок меч во редот оваа сезона. Добро знаат за каков противник станува збор, но нема да се предадат.

„Со Мега МИС одигравме како што треба и заслужено победивме, што одлично ни дојде за да се вратиме на вистинскиот пат и кон целта што ја имаме зацртано. Сега пред нас е пресметка со Игокеа, која е исклучително цврста екипа и која игра агресивно на секој дел од теренот. Нема да ни биде лесно, но планираме да дадеме сѐ од себе и да пробаме да победиме.“

Натпреварот меѓу Игокеа и МЗТ Скопје е закажан со почеток во 21 часот.

ПретходноФИФА: Светското првенство во Катар е повеќе посетено од Мундијалот во Русија
СледноНотингем Форест не престанува: Бразилецот Скарпа од 1 јануари во дресот на „шумарите“