МЗТ Скопје без сили за големи нешта, со пораз се враќа од Лакташи кај Бајиќ (ФОТО)

94

МЗТ Скопје од гостувањето кај Игокеа во рамките на деветото коло во АБА-лига се враќа со пораз од 96-90. Избраниците на Александар Петровиќ одиграа добро во второто полувреме, се вратија од двоцифрена негатива, но не успеаја да го сторат најважното – да го освојат целиот плен. „Сино-белите“ треба да жалат бидејќи паднаа во најважните моменти, нешто на што ќе морат да работат особено кога се дел од едно натпреварување како што е АБА-лига.

Реј со 37 поени беше прв стрелец кај победникот, во редовите на МЗТ Скопје, Кефи имаше 21 поен, додека Мицовиќ запиша 18.

Актуелниот македонски првак не го отвори мечот според желбите, противникот поведе со 6-0. Дамјан Стојановски и Кефи со пет поени намалија на 6-5, Игокеа брзо „побегна“, а причината беше расположениот Реј, во 6. минута неговиот тим водеше со 16-7, десет поени беа токму дело на Американецот.

МЗТ Скопје беше далеку од нивото кое се очекува, бидејќи домашниот тим многу брзо доаѓаше до предност која носеше сигурен тек. Веќе на средината на вториот период, избраниците на Драган Бајиќ поведоа со двоцифрени 44-34, а имаа и 47-36. Благодарение на неколкуте тројки овој меч не беше решен во втората четвртина, но ниту пак МЗТ имаше игра за да се закани посериозно. Одбраната беше немоќна пред Реј, кој од 56 поени на својот тим, реализираше 24. Негативата на одморот беше 56-47.

Поинаква слика на теренот на стартот на третата четвртина, Кефи со пет поени и Јигитоглу со два поени доближија на 56-54. Беше и 59-57, но како непишано правило Игокеа лесно ја враќаше пристојната предност, со серија од 6-0 поведе со 65-57. МЗТ не знаеше да ги користи кризните минути во редовите на противникот, имаше шанса да дојде до егал. Па во последните десет минути влезе со негатива од 72-70 благодарение на распложениот Ајви. Овој период го доби со 16-23.

Игокеа во две минути постигна девет поени за двоцифрени 81-70, предност која ја имаше на шест минути до крајот 84-73. Македонскиот тим не се откажа, врати со серија од 15-2 за прво водство на мечот од 86-88. Со две тројки и два поени на Делалиќ, Игокеа се разбуди поведе со 94-88 на минута до крајот. Мицовиќ погоди две слободни фрлања, домаќинот не реализираше, истиот кошаркар не погоди тројка.

За македонскиот првак ова беше седми пораз оваа сезона, за победа број три ќе почекаат. Игокеа пак стави крај на серијата порази, дојде до петтиот триумф.

ПретходноСелекторот на Полска: Нема магичен рецепт како да се запре Мбапе
СледноПетровиќ: Одбраната во првото полувреме беше шуплива како сирење!