Минатиов викенд македонскиот автомобилист Ристо Вуков имаше тест со шампионскиот тим од италијанскиот Порше Карера Куп на патеката Валелунга крај Рим.
Согласно најавата дадена на прес конференцијата, Вуков се подготвува за префрлување во светскиот Порше Суперкуп, каде што конкуренцијата е најжестока.
„Тестирањето со новиот тим на извесен начин ми отвори нови хоризонти, бидејќи увидов дека нивните инженери се потрудиле да отидат чекор понапред и да експериментираат со штелувањата на автомобилот, што во мојот случај даде одличен резултат. Иако патеката не беше „гумирана” како во тркачки викенд, јас постигнав шест десетинки подобар резултат од моето најдобро време во тренинзите пред трката на Валелунга во септември. Со таков резултат, во таа трка веројатно ќе се борев за подиум. Се уште сум под импресии од промените во однесувањето на автомобилот со новиот „сет-ап” и верувам дека одам по вистинскиот пат кој ми овозможува напредок на сите полиња“ посочи Вуков.
Трките (вкупно осум) од Порше Суперкуп се возат заедно со Формула 1, но само на европските трки, во период од мај до септември.
„Светскиот куп е многу посериозна манифестација, па во неговата програма нема две трки во еден викенд, нема стартување по обратен редослед, се дава подобра можност возачот да се фокусира. Добро е што првата трка се вози на автодром кој го познавам, а тоа е Имола, по што ќе следат другите трки каде што ќе се појавам за прв пат. До почетокот на сезоната ќе имам уште неколку тестирања, па верувам дека на тој начин ќе бидам во топ форма. И на прес конференцијата укажав дека ова е голем скок, дека импонира да се биде меѓу најдобрите возачи на светот, но се чувствувам подготвен за овој предизвик, иако сега знам дека имам уште многу за учење“ заклучи Ристо Вуков.