Е.Пелистер вечерва (20:45 часот) го чека нова тешка задача во Европската лига, против Бидасоа Ирун ќе ја бара третата победа во ова натпреварување, трета на гостински терен.
И на оваа средба битолскиот состав нема да биде комплетен, во составот ќе го нема Дејвис, но добра вест е што се враќа Павле Атанасијевиќ, кој се повреди на гостувањето кај Мотор во минатото коло.
„Немаме многу време за подготовка за овој натпревар. За жал патуваме во Шпанија без Дејвис, кој се повреди, но во тимот се враќа Павле Атанасијевиќ. Бидасоа Ирун е одлична екипа, играат добро одбрана 6-0 и 5-1, а одличен е и нивниот среден бек. Играат убав, гледлив ракомет и верувам дека ни следи интересен натпревар“, изјави Ларс Валтер.
Победникот од оваа средба ќе направи важен чекор кон пласман во следната фаза, двата тима имаат еднаков скор од две победи и два порази, се наоѓаат на делба на третото место на табелата.