Неспорен факт е дека Елиф Елмас оваа сезона има помала минутажа од онаа што ја очекуваше нашиот Дијамант. Лучано Спалети верува во Елмас, но сепак предност засега има Грузиецот Квадарона или Квича Кварацкелија. Елмас на послените неколку натпревари за Наполи доби целосна минутажа и истата и тоа како ја искористи. Беше еден од клучните фактори во победите на лидерот во Серија А.
Наполи моментално е на подготовки во Турција, па новинарите во таа земја силно се заинтересирани за тоа да го слушнат мислењето на Спалети за Дијамантот ако се знае дека пред неколку години нашиот репрезентативец играше за Фенербахче.
А Спалети како голем шмекер не штедеше комплименти за Елмас:
„Тој е светлината на моите очи, без разлика дали игра или не. Тој е одлично момче кое може да игра на која било позиција. Тој е фудбалер кој сака да работи и постојано да се подобрува. Може да добие натпревар ако игра 10 минути. Тој е фудбалер кој трча, притиска, ја прифаќа топката. Што и да се случи, Елмас и натаму ќе остане светлината на моите очи“ изјави стратегот на Наполи.