За Швајцарија синоќа заврши Светското првенство, откако беше убедливо поразена од Португалија со 6-1. По овој дуел новинарите од Србија го пречекаа Шаќири, кој по голот против нивната селекција имаше посебен настап.
Српските новинари го прашаа зошто провоцирал по дуелот со Србија.
„Само си ја вршев работата. Дадов гол, тоа беше втор пат. Добро?“, им рекол Шаќири на српските колеги.
Кога сфатил дека новинарите се од Србија, решил дополнително да ги „пецне“.
„Двапати, двапати пријателе“, рече тој, алудирајќи на двата гола на Србија на две последователни светски првенства.
Потоа беше запрашан зошто се смешка по натпревар во кој неговата репрезентација прими шест гола.
„Дали треба да плачам“, праша Шаќири, кој е член на Чикаго.