Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски во интервју за „Дејли рекорд“ изјави дека подраго ќе му биде да освои некој трофеј со Абердин сезонава, отколку да остане на врвот на листата на најдобри стрелци во тамошната Премиер лига.
„Да, би било убаво да освоиме некој трофеј, кога веќе сме во полуфиналето на Лига Купот. Повеќе би сакал да кренам трофеј со Абердин, отколку да ја освојам ’Златната копачка’. Наша цел е да обезбедиме пласман во европските натпреварувања за следната сезона, да бидеме во првите три на табелата и да обезбедиме пласман во финалето на Лига купот“, вели нашиот репрезентативец.
23-годишниот напаѓач во интервјуто зборува и за тоа како се чувствува во Шкотска и во дресот на Абердин.
„Играм за голем клуб со голема историја и да бидам искрен, ние [Рамадани и јас] дојдовме од поинаква средина, скокнавме од клуб кој се бори да обезбеди опстанок во клуб со цел да победи на секој натпревар. Богатата историја на Абердин и менталитетот на тренерот се формула за добивање на победнички менталитет меѓу нас, играчите. Навистина е убаво чувството што имаме притисок да ги обезбедиме трите бода секогаш кога играме“, дополнил нашиот интернационалец.