Голем скандал е на повидок да исплива на површина во завршните две недели на СП во Катар. Според пишувањата на новинарот Роман Молиња, неколку фудбалери на африканските репрезентации учеснички на овој Мундијал платиле пари за да бидат ставени на списоците на патници на Светското првенство.
Наводно, станува збор за фудбалските репрезентации на Гана и Камерун. Дополнителен сомнеж на овие обвинувања дава и необјаснивото однесувањето на легендарниот селектор на Камерун, Ригоберт Сонг, кој на прес-конференцијата на која ги објави имињата на фудбалерите со кои ќе патува во Катар, делуваше како да не ги знае сите имиња кои се на неговата листа од 26 играчи.
Дел од оние кои отпатуваа со Камерун во Катар беа и неколку домашни играчи како Џером Нгом Мбекели (24) и Суаиба Мара (22), кои имаат одиграно само три натпревари во националниот тим.
„Одредени репрезентативци на Камерун и Гана платија за патување на Светското првенство. Некои од нив платија само за да бидат на список“, откри новинарот.
Овие негови тврдења направија хаос на социјалните мрежи, а љубителите на фудбалот во Африка „наддаваат“ со имиња на фудбалери кои, наводно, платиле за да бидат дел од Мундијалот во Катар.