Пишува: Зоран Ѓоршоски
Читајќи го соопштението на ФК Вардар во кое раководството на клубот се правда како морало со Кожуф да се игра утре, и тоа по реакцијата на “Комитите“, човек не знае дали да плаче или да се смее. Сепак веројатно оние кои го сакаат Вардар плачат, додека оние другите се смеат.
Како може поинаку да се опише сегашната ситуација во Вардар освен очај, очај и пак очај.
Замислете, на Вардар никој не му дава стадион да игра викендов, никој. Ниту првите луѓе на Арената, ниту ФФМ, ниту пак оние во Ѓорче кои се слободни викендов, додека на Автокоманда во недела се игра мечот Скопје – Струга ТЛ. И да сакаат тие не може да му „помогнат“ на нашиот најтрофеен клуб.
Ете, дојде тоа време еден Вардар да ги МОЛИ сите да му помогнат, да може да одигра натпревар а сите му го вртат грбот. Можеби заслужил за такво нешто, подобро кажано тие што сега се “главни“ во Вардар заслужиле такво нешто.
Вардар како Вардар, како име, како клуб, како поим за тоа не е виновен. Овој клуб може и во скопски регион да игра, но пак ќе биде Вардар, пак ќе „тежи“ неговото име и историја.
Виновна за ова е управата на клубот, која не знае каде тера.
А тера богами…во пропаст.
Имено го зема клубот со долг од 2,3 милиони евра а го дотера со долг од над 3 милиони евра.
А, бре, махеришта сте, навистина!
Место да го намалувате долгот вие и го зголемивте, машала…
И дефинитово со оваа управа на Вардар ЦРНО МУ СЕ ПИШУВА.
Овој клуб, кој за многумина е светост, е сега не за сите да се разбереме, вие го дотеравте да служи за потсмев. Вие молите да ви помогне некој, а никој не ви помага, никој не ви дава стадион да играте. Ајде запрашајте се дали вие сте виновни, или пак некој друг. Или пак мора да платите за да играте, а зошто па некој би ви го дал стадионот за без пари.
Аман више, доста више. Се гордеете со тоа дека го водите Вардар а немате банка во себе, немате да платите за изнајмување на еден стадион.
СРАМОТА…
Се знае дека прашање на ден е кога оваа управа, која сега го води Вардар, ќе си замине сама или на некој друг начин ќе се “раздели“ со клубот. Што тоа побрзо се случи подобро за сите и во Вардар и околу Вардар и се разбира за тие што го сакаат Вардар, па реално и за мак – фудбалот.
Го сакале или не, многу поубаво е со Вардар во елитата…со Струга ТЛ, Шкендија, Силекс, Работнички, посебно Шкупи, Тиквеш, Брегалница…а не вака со една Воска, Слога Виница, Беса, Саса, Пехчево, Арсими.