За ФК Вардар завршија активностите есенва. Со победата над Кожуф на домашен терен од 2:0 денеска, „Црвено – црниот“ табор и официјално ги одработи сите закажани активности за оваа полусезона. Како ги одработи ќе мора да се почека викенд колото од ВМФЛ шампионатот, за да се види каде ќе биде стациониран на полусезоната што се однесува до табелата и како ќе стартува напролет.
Од организационен план, допрва многу нешта треба да станат појасни, за да Вардар напролет може барем од нешто да биде растеретен, и да одработи пласман во ПМФЛ. За тоа има неколку месеци, но проблемите не се малку па истите мора да се решаваат уште од денеска.
Од друга страна пак, на играчите не може да им се замери речиси ништо, освен да речеме оној непланиран кикс на домашен терен против Беласица, кој во суштина и не требаше да се случи. Сепак, ФК Вардар со заедничка фотографија објавена предмалку, дава јасно до знаење дека клубот во моментов е обединет и во проблемите и во успесите кои се за волја на вистината мали во моментов, но со една голема цел на крајот.