Во моментов Лионел Меси е зафатен со репрезентативни обврски бидејќи е со Аргентина на Светското првенство во Катар. Ја одведе во четвртфиналето каде вечерва од 20 часот ќе игра против Холандија.
Меси одлично ја започна оваа сезона во дресот на ПСЖ, но договорот му истекува на крајот од сезоната и доколку не го продолжи, како слободен играч ќе си бара нов клуб.
Самиот Лео пред Мундијалот изјави дека за продолжување на кариерата ќе размислува дури по враќањето од Катар, а сега работите во свои раце ги презеде првиот човек на францускиот шампион, Насер Ал-Келаифи.
Запрашан дали 35-годишната суперѕвезда е заинтересиран да го продолжи престојот во Париз, тој за „Sky Sports“ одговори: „Дефинитивно“.
„Тој одигра фантастично оваа сезона за нас, постигна многу голови и асистенции за репрезентацијата и клубот. Значи, она што се договоривме е да седнеме заедно по Светското првенство“, изјави првиот човек на ПСЖ.
Навивачите на ПСЖ сигурно ќе бидат среќни поради овие зборови, со оглед на тоа што Меси се поврзуваше со враќање во Барселона и преселба во МЛС.
Меси сезонава настапи на 20 натпревари во дресот на ПСЖ и постигна 12 гола со 16 асистенции.