МЗТ Скопје го запиша осмиот пораз во АБА-лига, откако на домашен терен не успеа да се справи со фенереџијата во ова друштво. Борац од Скопје си оди со победа од 73-81 прва оваа сезона. Ова беше меч од десетото коло, воедно една од најважните средби за „сино-белите“ кога станува збор за опстанокот.
Мицовиќ со 14 поени, Дамјан со 13 поени и Војдан со 11 поени единствените кошаркари со двоцифрена бројка.
Актуелниот македонски првак не го отвори дуелот според очекувањата, противникот брзо поведе со двоцифрена разлика (8-20 и и11-23). Избраниците на Александар Петровиќ на истекот на првата четвртина имаа минус седум (19-26). Гостите не го променија темпото ниту во следната четвртина, имаа највисоки 27-42, на другата страна МЗТ Скопје се мачеше па на одморот имаше негатива од 15 поени (35-50).
Со серија од 5-0 македонскиот тим намали на 44-53, постојано вршеше притисок, па истиот вроди плод на почетокот на последната четвртина. Со серија од 6-0, со поените на Робев и Бурсаќ дојде на минус два 62-64 во 33 минута за вистинска и прва неизвесност на мечот. На другата страна Борац се врати и тоа со серија од 11-0 дојде на нови двоцифрени (64-75). По оваа разлика Петровиќ не најде начин да ги разбуди своите кошаркари, на крајот остана да се помири со нов пораз, нова катастрофа во јадранското друштво.