Американецот Дастин Вер (32 год, 180 см) сезонава ќе ја доигра во сино-белиот дрес на МЗТ Скопје Аеродром, што за него е враќање во добро позната средина во која настапуваше до пред крајот на јануари оваа година.
Плејмејкерот потпиша нов договор МЗТ Скопје за да го доврши тоа што го почна минатата сезона, кога беше еден од најдобрите во тимот со што го привлече вниманието на побогатите екипи од посилните првенства. Тој се пресели во француски Шалон Ремс, каде што ја доигра сезоната, а потоа настапуваше за екипи од Венецуела и од Литванија.
„Свесни сме за случувањата од почетокот од годинава, кои, за жал, беа плод на суровиот професионализам кој владее меѓу сите американски глобтротери во Европа, а тоа е борба за дури и минимално подобар договор. Во овој дел од сезоната тешко се наоѓа квалитетен плејмејкер во рамки на буџетот со кој располагаме, поради што решивме да му дадеме втора шанса на Вер. И самиот тој изрази желба да се врати и да си ја доврши работата од минатата сезона, со ветување за професионална одговорност во настапите во сите натпреварувања во кои играме. Вер е во натпреварувачки ритам, нема да му треба време за аклиматизација во нашата средина, што се работи кои и тоа како ни се важни во моментов и кои беа пресудни за нашата одлука“, вели директорот на клубот, Филип Ѓоревски.
Искусниот Вер доаѓа на местото на Бре Ајви, кој по само неколкуте добри партии во низа доби побогати понуди кои му го нарушија фокусот и посветеноста кон нашиот тим, па изрази желба по секоја цена да си замине. Како и повеќе пати претходно, МЗТ не сакал во своите редови да има незадоволен кошаркар кој нема да го дава својот максимум, поради што му излегле во пресрет.
„Ситуацијата со Ајви дефинитивно не е само поради наводните долгови кон него, кои беа минимални и занемарливи, туку поради фактот што веќе го споменав, а тоа е немањето квалитетни плејмејкери на пазарот, па помоќните и побогати клубови со нудење малку повеќе пари прават хаос во главите на вакви кошаркари. За Ајви настапите во Македонија беа први во европската кариера, поради што реши да занемари што се сторивме за него и прифати да замине во најлош момент за ‘шака долари’ повеќе. Тоа повеќе говори за неговиот карактер и менталитет, отколку за нашите евентуални пропусти и ќе треба да ги загрижува неговите идни работодавци. Тој во Скопје добиваше многу повеќе од само плата, на располагање му беа бенефиции кои не му следуваа на хартија, па дури и за обична настинка решивме превентивно да се хоспитализира во врвна установа каде што неделниот престој чини повеќе од неговата месечна плата со цел да се чувствува како дома меѓу своите најблиски. Ова е само реалноста во соработката со кошаркари надвор од Европа, која е своевиден професионален хазард со кој се соочуваат не само МЗТ Скопје, туку и многу други пореномирани и побогати европски клубови. Не дека нема и наша делумна вина во целата приказна, но на крајот го плаќаме цехот на желбата да бидеме добри работодавци и гостопримливи домаќини“, дополнува Ѓоревски.
Со вчерашниот пораз на домашен терен против Борац Чачак направен е чекор назад во битката за продолжување на елитниот јадрански статус, но далеку од тоа дека борбата е завршена. Пред МЗТ се средби на кои ќе треба да ја покаже решителноста во пресметките со најдобрите во регионот, во натпреварување во кое едноставно нема лесни ривали и кое сигурно е меѓу најквалитетните на Стариот континент, што автоматски значи и привилегија и чест само да се биде дел од него.