За инцидентот во Чаир се огласи и Работнички: Спортот е за здружување на интелектуалци, а не мегдан за силеџии!

479

По инцидентот во Чаир за време на дуелот меѓу истоимениот тим и Работнички, се огласи и раководството на најтрофејниот кошаркарски колектив. Очекувано, „црвено-белите“ најстрого го осудуваат нападот на нивниот кошаркар, бараат на таквите лица да им се забрани да одат на спортски натпревари.

„Кошаркаркиот клуб Работнички АД Скопје се огласува по повод случувањата на првенствениот натпревар кај екипата на КК Чаир 2030, кој требаше да се одигра во рамките на 9-то коло од домашното првенство, но беше прекинат поради напад на еден од нашите кошаркари од страна на еден од симпатизерите на домашната екипа.
КК Работнички најостро ги осудува сите видови насилство на терените, без разлика од каде доаѓа истото, без разлика дали е тоа предизвикано од нашиот табор, наши навивачи или наши симпатизери, или од противничките и без разлика дали тоа е изолирано или организирано однесување! На ваквите луѓе, постапки и идеи, не смее да им се дозволи да бидат присутни на спортски натпревари! Сите ние треба да сносиме последици за се што правиме во животот, особено за она што го правиме на јавните настани пред очите на целата македонска, во случајов спортска, јавност!
Спортските екипи треба да бидат пример за здрави општествени навики и на спортските терени треба да ги славиме различностите, кои треба да не обединуваат. Не смееме да дозволиме салите и стадионите да ни се претворат во арени за изразување на секакви други чувства, освен искрените кои произлегуваат од спортот. Спортот треба да не направи подобри и поквалитетни луѓе, индивидуи и заедници кои ќе создадат исти такви генерации, кои ќе не наследат и ќе се надоградуваат на она што ние ќе им го оставиме.
Апсолутно се согласуваме со соопштението на нашите спортски пријатели од КК Чаир 2030, во кое се осудува инцидентот предизвикан од страна на, како што се вели, изолиран поединец. Се надеваме дека сите надлежни институци во најкраток можен рок ќе ги преземат сите потребни чекори и мерки, по што ќе донесат соодветни решенија, со цел ова, како што се вели, индивидуално однесување да биде најбрзо и најостро санкционирано!
Со тоа ќе им се даде поука на сите оние, кои во иднина ќе помислат да прават вакви или слични неспортски испади, дека никој не е над законот и над спортот! Време е да им се каже стоп на насилниците во кошарката, која како интелигентен спорт важи за здружување на интелектуалци, а не мегдан за силеџии!

КК Работнички, како најтрофеен кошаркарски клуб во нашата земја и натаму останува дел од спортската структура во Македонија, која ќе се занимава првенствено и единствено со промоција и со унапредување на македонската кошарка и на позитивните вредности во животот“, се вели во соопштението на Работнички. 

Во текот на денешниот или утрешниот ден се очекува да се огласи Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ и да донесе најстроги казни како за лицето кое е пријавено како фоторепортер во таборот на Чаир, така и за самиот клуб.

ПретходноДончиќ ја доби најбизарната техничка грешка во кариерата (ВИДЕО)
СледноБаерн Минхен ги прекина преговорите со Ливаковиќ!