Селекторот на хрватската репрезентација Златко Далиќ денеска од 20 часот го очекува „натпревар на вистината“ против Аргентина во полуфиналето на Светското првенство, а ден пред „дуелот“ беше малку нервозен.
Тоа можеше да се почувствува на прес-конференцијата на која требаше да даде отчет пред новинарите за стилот на игра што го форсира Хрватска, а кој не е особено убав за очите на неутрален набљудувач, односно за тоа што стигнаа до полуфиналето со само една победа.
Далиќ одговараше на бројни прашања, но последното поставено од новинар од Египет го изнервира, па не се удостои да му даде одговор подолг од неколку зборови… Сепак, ги критикуваше игрите на неговиот тим.
„Ние играме за резултат, ние сме во полуфинале на Светското првенство. Целата приказна е готова“, рече Златко Далиќ и со тоа стави крај на приказните за „убав фудбал“ што некои ги очекуваа од Хрватска.
„Секогаш им велам на играчите да уживаат, нема успех ако не уживаш во својата работа. И секој што си ја работи својата работа мора да биде среќен. Дојдовме до нешто кое не го очекувавме оваа година, целиот свет гледа што ќе направи малата Хрватска“, заклучи Златко Далиќ.
Да потсетиме, Хрватска ја совлада Аргентина во групната фаза на претходното Светско првенство во Русија. Останува да видиме дали Меси и неговите соиграчи ќе им се реваншираат.