Е.Пелистер вечерва (20:45 часот) го пречекува тимот од кого го претрпе најубедливиот пораз во Европската лига оваа сезона. Во салата „Боро Чурлевски“ ќе гостува Бидасоа Ирун во рамките на шестото коло во европското клупско натпреварување.
Пред една недела македонскиот првак беше поразен со убедливи 32-20, но овој резултат не ги домотивира ракометарите, напротив очекуваат да се покажат во поинакво светло пред своите навивачи и со победа да го завршат овој дел од сезоната во Европската лига.
„Се подготвуваме, го анализираме претходниот натпревар кој го игравме во Шпанија, каде навистина одигравме лошо. Се надевам дека со нови сили, цел тим ќе даде максимум и ќе се израдуваме на победа на домашен терен. Очекувам да ја заокружиме оваа полусезона со победа. Бидасоа Ирун има искусни ракометари, како што е Агинагалде, играат шпански систем на ракомет, кој можеби не е толку атрактивен за гледање, но секој си ја знае работата, добро се воиграни и носи резултати. Верувам дека имаме свои шанси и се надевам на победа“, изјави Гоце Ојлески.
Е.Пелистер се наоѓа на четвртото место на табелата со две победи и три порази, посакува токму вечерва да го запише првиот триумф на домашен терен.