Е.Пелистер беше близу до победа, но и до пораз на реванш дуелот со Бидасоа Ирун. Имаше водство од четири гола во првото полувреме, но и негатива од три разлика во вториот дел, успеа да се врати, да поведе, а потоа се најде во ситуација и да го изгуби мечот, на крајот бодот треба да ги радува битолчани.
И ремито ќе биде од големо значење во продолжение на сезоната, поточно во битката за пласман во следната рунда. На паузата, Е.Пелистер заврши на четвртото место на табелата со скор од две победи, реми и три порази.
„Благодарност до публиката која што дојде на трибините и ни даде поддршка која што многу ни значеше. Добро го почнавме натпреварот, одлично трчавме без топка и имавме поволен резултат. Но, во вториот дел се почувствува тоа што Хосни не тренираше еден месец, исто така и Дејвис, Хенеберг после болест немаше енергија, а се повреди и Кукоски. Па падот во нашата игра беше очекуван.
Но и покрај сите проблеми успеавме да се вратиме и да освоиме бод. Како што рече мојот колега, овој бод може многу да значи во понатамошниот расплет во групата. Мислам дека сме на правиот пат. Ако овој бод изгледа како лош резултат, сигурен сум дека за неколку дена ќе изгледа многу подобро“, изјави Ларс Валтер по ремито.
Слично размислува и Гоце Ојлески, желбата да се заврши со победа беше голема, но на крајот треба сите да бидат задоволни.
„Мислам дека одигравме добар натпревар, имавме и добри и лоши моменти. Сакавме со победа да ја завршивме полусезоната, но се почувствува тој замор и добро е што се вративме и освоивме бод. Мислам дека треба да бидеме задоволни“, коментираше Ојлески.