Околу стотина марокански навивачи се приведени во Брисел поради нереди по поразот на нивната репрезентација во полуфиналниот натпревар на Светското првенство против Франција. Навивачите се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир, оштетување на две полициски возила и поседување пиротехника. Немири имало и во неколку градови во Франција.
Делови од патиштата во центарот на градот биле опколени пред натпреварот, се вели во извештајот. Сликите од средата вечерта покажаа купишта запалено ѓубре, како и голем број полицајци во опрема на улиците на Брисел.
Едно момче, пак, загина во францускиот град Монпеље во судирите меѓу навивачите на Франција и Мароко по мечот. Во соопштението објавено од канцеларијата на локалната власт се вели дека момчето било „насилно удрено“ од автомобил за време на конфликтот. Тој бил префрлен во болница, но набргу по пристигнувањето починал.