Капитенот на нашата одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев, заедно со неговиот тим АЦХ Волеј од Љубљана дојдоа на чекор до пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите на ЦЕВ. Синоќа словенечкиот првак извојува многу важна победа во 4. коло од групната фаза во најсилното клупско одбојкарско натпреварување, победувајќи со 3:1 на гостувањето во Германија против екипата на Дирен.
Нашиот поентер имаше нова извонредна партија во која реализираше 23 поени во победата на својот тим. Ѓорѓиев имаше одлична реализација во нападот (61%) и беше еден од најзаслужните за втората победа во групата „Е“ сезонава, со која словенечкиот шампион останува втор на табелата зад неприкосновената екипа на Перуџа која има три победи во исто толку одиграни средби.