Е. Пелистер на паузата заминува со прво место во групата Б во Супер-лигата лигата и четврто место во Европската лига.
Битолчани немаа среќа на стартот на сезоната, се соочија со бројни повреди, кои ги спречија да бидат подобри во Европа.
Тренерот на македонскиот вицепрвак, Ларс Валтер направи една мини анализа.
“Многу сум среќен сум што сум тука, што запознав многу нови луѓе во клубот, но и на улица. Драго ми е што ја запознав културата на оваа земја и овој град. Среќен сум за тоа. Не загубивме ниту една титула сезонава, во добра позиција сме во Европската лига да ја поминеме групата, можеби и да исчекориме чекор понапред. Одлично ја почнавме сезоната, потоа нè снајдоа многу повреди и морам да им честитам на моите ракометари што никогаш не се жалеа, туку напорно работеа секојдневно. На крај тоа ќе ни биде од голема помош, бидејќи веќе знаеме како е да се биде заедно во лоши времиња. Се надевам дека тие ги оставаме зад нас и кога ќе се вратиме по Божиќ, Суси ќе ни се врати, останатите исто така ќе бидат со нас и ќе изгледаме поинаку.
Во последните седум недели игравме преспоро, а кога немаш многу што да промениш играш поспоро и поинаку. Мора да го вратиме стилот од пред седум недели. Но, јас сум многу позитивен, имаме одлична група на луѓе, кои се борат еден за друг. Тимот е обединет и верувам дека така ќе биде цела сезона и тоа ќе ни биде од голема помош“, изјави Валтер.
Капитенот, Мирко Радовиќ вели дека покажале карактер во тешките мигови.
“Ја завршивме полусезоната, малку „ранети“, но одиме на заслужен одмор. Машки се боревме овие четири месеци, имаше успони и падови, но останавме заедно како екипа и кога да беше тешко покажавме карактер. Успеавме да пренесеме тоа што требаше да пренесеме во вториот дел на сезоната, ги исполнивме сите зацртани цели. Остваривме историски резултат во СЕХА лигата, го освоивме Суперкупот на Македонија, го освоивме и турнирот во Струга на почетокот на сезоната, а во групата на Европската лига имавме успони и падови. Мислам дека на позитивен начин ја завршуваме оваа сезона. Треба да продолжиме да градиме и да се радуваме на она што нè чека во вториот дел на сезоната.
Оваа полусезона нè снајде сè што можеше да нè снајде што се однесува до повредите. Се надевам дека зимата ќе ја пречекаме здрави, верувам дека нема да има повредени играчи и да влеземе свежи и спремни и мислам дека ќе имаме на што да се радуваме. Одиме на заслужен одмор, среќни празници на сите и здрави да се вратиме на вториот дел од сезоната“.