Каква трагедија. Синиша Михајловиќ не е веќе со нас. Легендарниот српски фудбалер, големиот стратег и тренер, некогашен репрезентативец на екс – СФРЈ а подоцна и на Србија, секогаш насмеан, големиот фајтер и борец ете, не успеа да победи во најважната битка во неговиот живот. Страшна болест беше посилна од неговата волја уште еднаш да триумфира, да ги дигне рацете во знак на победа како што секогаш го правеше како фудбалер и тренер.
Роден во Борово село пред 53 години, себе си се промовира во шампионскиот тим на Војводина а потоа и во Ц. Звезда како главен дел од онаа шампионска генерација која стана европски и светски првак.
Во Италија беше дел од Сампдорија, Рома, Лацио и Интер. Откако заврши со кариерата стана тренер, и тоа еден од најдобрите во Италија. Ги предводеше Болоња, Милан, Торино покрај другите, а беше селектор и на Србија.
Голем човек, голем фудбалер, еден од најголемите на овие простори.
Секако дека ова е црн ден за српскиот, балканскиот, европскиот, но и светскиот фудбал.
Синиша беше победник, победник во душа, знаеше да ги “магепса“ сите околу него со фудбалскиот стил.
Беше фраер во најпозитивна смисла на зборот.
ГИГАНТ ОД ЧОВЕК, ФУДБАЛЕРЧИШТЕ, ТРЕНЕРИШТЕ….