Енис, Ашко, Бојан, Никола и Тихо за Меси и Аргентина, Алекс вели Франција е шампион

405

Целиот свет денеска е свртен кон Катар и финалето од Мундијалот 2022 година. Последниот дуел, „шлагот на тортата“ што се вели на се она што се случуваше изминатиот месец. Круната на целиот настан, кој го окупираше фудбалскиот свет, и му днесе многу возбуда, фантастични мечеви и нормално моменти кои ќе се паметат засекогаш.

И ние имавме голема шанса да се најдеме токму таму, но ни недостасуваше малку среќа па и ние да патуваме за Катар. Го игравме тој бараж дуел против Португалија и не успеавме. „Храбро загинавме“ што се вели, и ќе ја чекаме следната наша шанса за такво нешто.

Токму затоа на нашите репрезентативци секако дека не им е сеедно кога го гледаат Мундијалот на малите екрани.

„Нормално дека не е лесно. Тој меч, тој бараж против Португалија, тие деведесет минути ќе ги помниме засекогаш. Штета. Но, никако не смее да жалиме туку напротив, мора да се потрудиме да се најдеме во истата ситуација уште еднаш. А што се однесува до финалето. Аргентина е мој фаворит. Меси. Човекот е на крајот од кариерата, и според мене мора да заврши во голем стил. Му фали тој трофеј од Мундијалите. Токму затоа сум за Аргентина денеска“ – вели Енис Барди за Спортмедиа, со што во потполност се согласува и нашиот дефанзивец Никола Серафимов.

„Меси и никој друг. Денеска навивам за Аргентина со „сета сила“. Мора да освои как круна на неговата кариера. Не гледам како ќе биде сопрен, зошто Меси е најдобар кога најмногу треба“ – вели популарниот Кољо.

Кога веќе имаме еден дефанзивец и играч за врска од нашиот национален тим кој денеска со голема драж ќе навиваат за Аргентина, редно е да имаме и еден напаѓач.

„Мојот избор се „Гаучосите“. Ми се допаѓаат како тим, за Меси и не треба да се зборува. Мислам дека конечно треба оваа репрезентација да се врати на тронот“ – прогнозира Бојан Миовски кого го начекавме по дербито со Селтик викендов кое несреќно го загубија тој и неговиот Абердин на свој терен.

Од друга страна полека но сигурно од тешката повреда се враќа и Тихомир Костадинов. Играчот за врска по деталните прегледи почна да тренира и се очекува да биде подготвен за напролет.

„Се враќам од повреда и следам Мундијал. А што друго во декември месец. Денеска сум фан на Аргентина. Ми се допаѓа таа енергија, начин на игра, сакам да освојат“ – вели Тихо.

Во слична ситуација е и Стефан Ашковски кој зимава направи мини оперативен зафат, санираше незгодна повреда но наскоро ќе биде назад на терените.
„Малку одмор што се вели пред да стартуаме со кам бекот  и напорните тренинзи. Кој ќе освои Светско? Аргентина. Редно е да се вратат на тронот. И поради Меси и воопшто. Сериозна фудбалска велесила која ете годиниве се некако не успева до крај. Нека биде тоа овојпат. Франција е многу силна, последните големи турнири до еден ги финишираше со финале или пак титула, па ете овојпат нека биде Аргентина“ – коментира Ашко.

Единствен кој смета дека денеска Франција ќе го одбрани трофејот од Русија пред четири години е нашиот херој од Палермо и оној легендарен меч против Италија Александар Трајковски. Тој смета дека со добра тактика што воопшто не е проблем „Петлите“ ќе стигнат до уште еден Мундијалски трофеј.

„Типувам на Франција. Според мене се по комплетни како тим, и ако добро го маркираат Меси, нема да имаат проблем на овој меч. Целата тактика на Аргентина се базира врз Меси и ако успеат да го сопрат мислам дека ја имаат добитната комбинација за да ја одбранат титулата од 2018. година“ – прогнозира Алекс Трајковски.

ПретходноСо колку бодови ќе стартуваат: Поглед на табелите во плеј-офот и плеј-аутот!
СледноРоналдињо со порака до Меси: Брате мој уште само еден чекор…..