Денеска со големото финале меѓу Аргентина и Франција се става крај на СП во Катар. По речиси еден месец фудбал и само фудбал, ете дојдовме до крајот на Мундијалот. А таму финале за уживање, дуел на титаните, дуел за титулата светски првак.
Аргентина или Франција? Кој ќе си замине со титулата, таа ќе биде трета и за “гаучосите“ (1978 и 1986) и за “галските петли“ (1998 и 2018). Дали Буенос Аирес или Париз вечерва ќе “горат“, ќе дознаеме нешто после 18 часот.
Стадионот „Лусаил“ во Лусаил денеска од 16 часот ќе биде сведок на историска битка, на дуел во кој нема поправен, тоа ќе биде битка до истребување.
Меси против Мбапе? Можеби е така, но фудбалот е колективен спорт,ова не е финале на “Вимблдон“. Да, јасно е дека многу и најмногу ќе зависи од Лео и Килијан, но тука се и новата мега – ѕвезда Алварез, да не говориме за фудбалскиот виртуоз Гризман.
Аргентина или Франција? Ова прашање си го поставуваат сите милијарди фудбалски фанови. Ова е најважниот меч во фудбалот на секои четири години.
Многу желби, многу фактори ќе решаваат, но на врвот има само место за еден. „Гаучосите“ веројатно, и поради Меси, ќе имаат мотиви до небо, додека Франција посакува да докаже дека и натаму има сила да биде хегемон во светскиот репрезентативен фудбал.
Аргентина или Франција?