Во петокот згасна животот на легендарниот фудбалер и тренер Синиша Михајловиќ и оттогаш од него се збогуваат неговите пријатели, поранешни клубови, познаници, играчи и семејството, но убедливо најтрогателни се пораките од неговата сопруга Аријана Михајловиќ. Таа неколку пати се огласи на Инстаграм, а во неделата во раните утрински часови објави заедничка фотографија со своите деца и потсети на ветувањето што и го дала на Миха.
“Љубов, ти ветив… Не грижи се, јас ќе се грижам за нив. Тие се нашето најголемо ремек дело. Никогаш нема да престанеме да те сакаме”, напиша Аријана во прошталното писмо до Синиша Михајловиќ.
Познатата италијанска водителка и српскиот фудбалер склучија граѓански брак во 1996 година, а потоа направија црковна венчавка во 2005 година, додека неодамна повторно ги „обновија заветите“ и сето тоа откако се подобри здравствената состојба на Миха.
За жал, во последните неколку недели се тргна на полошо и неговото тело повеќе не можеше да се бори. Погребот ќе се одржи во понеделник во Рим, а комеморации ќе има во неговите поранешни клубови Црвена Звезда и Војводина.