Ако не им оди во АБА лигата тогаш на домашна сцена немаат проблеми. Имено во последниот меч од 10.коло во нашата елитна кошаркарска лига, МЗТ Скопје вечерва како домаќин во салата „Јане Сандански“ успеа да го победи Феникс 2010 со 83:68, и со тоа да си ја врати лидерската позиција на табелата. Ова беше деветта победа на “металците“ во десетиот нивни меч.
Уште на стартот од мечот домашните покажаа дека имаат намера овој натпревар да го добијат. Направија разлика во првата четвртина за да потоа низ целиот меч го контролираа резултатот. Тимот на Феникс 2010 на моменти се обидуваше да дојде до шанса за пресврт, но “металците“ умешно го бранеа водството.
Последната четвртина гостинските кошаркари ја добија со 16:18, но тоа беше премалку за да дојдат до пресврт.
Уште една се чини рутинска победа на МЗТ Скопје.
Кога сме кај најефикасните на вечерашниот меч, Јигитоглу со 17 поени беше најдобар поентер кај МЗТ Скопје, додека кај гостите тоа беше Трајковски со 15 поени.