Илиоски и Георгиевски најдобри спортисти на Скопје за 2022 година

189

Градот Скопје и Сојузот на спортови на Скопје денеска им доделија награди на најуспешните спортисти за 2022 година во сениорска категорија, во младинска категорија, за најуспешен тренер, за најуспешна спортска екипа од Скопје, за најуспешен спортист во категорија на лица со инвалидност и најуспешен спортист- странец кој настапува за екипа од Скопје.

Во сениорска категорија двајца спортисти ја поделија првата награда. Тоа се Бобан Илиоски од кик бокс клубот Шампион и Дејан Георгиевски од таеквондо клубот Бутел. Во ТОП 10 листата на најуспешни за оваа 2022 година се и Филип Додевски од таеквондо клубот Бутел, Викторија Варадинова од кик бокс клубот Шампион, Петар Спасеновски и Ангела Мојсовска од карате клубот Макпетрол, Мери Акиевска од фитнес и аеробик клуб Магнус, Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова од маратон клубот Делта и Вероника Костовска од карате клубот Олимпик 2007.

Награди за 10 најуспешни млади спортисти во младинска машка и женска категорија добија Стефан Стојановиќ, Витомир Трајковски и Марија Петровска од карате клуб Макпетрол, Омер Мемеди и Бесир Алили од боречкиот клуб Лирија 2010, Нелсон Узеир од кик бокс клубот Шампион, Калин Ивановски од тенискиот клуб Југ, Дарко Георгиевски од таеквондо клубот Бутел, Магдалена Станковска од триатлон клубот Триоги Рејсинг и Александра Симева од тенискиот клуб МТП.

Наградата за најуспешен тренер отиде во рацете на Дејан Митровски од кик бокс клубот Шампион, додека наградата за најуспешна екипа ја освои карате клубот Макпетрол.

Во категоријата за најуспешен спортист- странец кој настапува во екипа од Скопје наградата ја доби Сандеј Адетунџи од фудблскиот клуб Шкупи АД Скопје. На Андреј Стојановски од „Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди на Кисела Вода“ му ја доделија наградата за најуспешен спортист во категорија на лица со инвалидност.

ПретходноМихајловиќ погребан во Рим: Станковиќ и Манчини го испратија до вечниот дом
СледноМеси и Мбапе го предводат „Тимот на СП 2022“