Пишува: Зоран Ѓоршоски
Лионел Меси, генијалецот од Росарио вчера и официјално влезе во “големото друштво“, го впиша своето име како светски првак. Како фудбалер кој на својата земја и ја донел „Божицата“. Само тоа му недостигаше, и ете при крајот на својата фантастина кариера, во тоа успеа.
Се впиша меѓу иконите на фудбалот – Пеле и Марадона.
Се разбира работа на фудбалски вкус е дали има уште некој друг тука пред се Кристијано Роналдо, Назарио да Лима Роналдо, Јохан Кројф или Франц Бекенбауер.
Но сепак Диего и Пеле, а сега и Лео ја предводат листата на нај, нај, барем според поголемиот дел од светската фудбалска јавност.
И сега кој од овие тројца, од Меси, Марадона и Пеле а најдобриот? Кој е КРАЛОТ на фудбалот?
Според потписникот на овие редови, се разбира ова е негово мислење, тоа е Лео Меси.
А, зошто?
Пеле има три светски титули, Марадона една, сега и Лео една, но дали само тоа е условот за да бидеш нај, нај?
Посебно ако се знае дека Бразилецот во 1962 го одигра само првиот меч на Мундијалот во Чиле и потоа не настапи поради повреда. Треба да се знае дека Пеле на тие СП во 1958, 1962 и посебно во 1970 беше опружен од мега – соиграчи. Погледнете ги само составите на Бразил на тие три Мундијали.
Потоа Пеле, иако не сум го гледал во живо поради својата возраст, играше само во Бразил, а потоа и во САД во Космос.
Во тое време барем половината од неговите натпревари, оние на Сантос биле од ревијален карактер играни ширум светот.
Да, Пеле е ФУДБАЛСКИ БОГ за многумина, но ова се фактите.
Марадона и ја донесе титулата на Аргентина сам во таа 1986 во Мексико. Марадона имаше неславна епизода во Барселона, беше “ЦАР НА НЕАПОЛ“, ја одведе Аргентина во финалето во 1990 во Италија, но сепак кариерата ја заврши неславно откако беше фатен со недозволени супстанци во САД 1994 година.
За многумина Диего е ГОСПОД, посебно за изнамачениот народ во Аргентина, но факт е дека тој неговата популарност ја стекна најмногу кај широките сиромашни слоеви и поради тоа што не “фермаше“ некој да му “диригира“, посебно не богатите и посебно беше во “војна“ со ФИФА.
Марадона сум го следел и неговата фудбалски генијалност беше уникатна, посебно по она што го направи на белградска “Маракана“ како фудбалер на Барса, но и како автор на голот на векот против Англија на СП во Мексико, па и поради „Божката рака“ на истиот меч. Секако и двете титули на Наполи во Серија А и тоа против Јуве, Интер и Милан. Кога докажа дека сиромашниот југ на Италија може против богатиот север.
И сега за Лео Меси.
Како фан на Реал Мадрид сепак мора да ги почитувам фактите.
Најмногу одиграни мечеви на Мундијалите, две финалиња, една титула, 13 голови. Освојувач и на Копа Америка.
Но она што го прави Меси НАЈГОЛЕМ е следното:
-Единаесет пати шампион, со Барса и со ПСЖ
-Четири пати европски шампион
-Трипати победник во Супер-Купот на УЕФА
-Трипати светски првак со Барса
-Олимписки првак од 2008
-Седум пати освојувач на “Златната топка“
И уште многу, многу пехари и поединечни награди.
Секако дека секој има право на различно фудбалски видување, но МЕСИ е КРАЛОТ, барем според фактите.
И синоќа, оние што го разбираат фудбалот, што го сакаат фудбалот, што се фудбалски фанатици беа за Меси и Аргентина и ја славеа победата на Аргентина.
Беа среќни и радосни што ете Меси, поточно КРАЛОТ си ја зема КРУНАТА…
ЗАСЛУЖЕНО.