ТФТ конечно дојде до посакуваната победа во дебитанскиот настап во второлигашкото јадранско натпреварување. Благодарение на Александар Костоски и неговата рафална вечер во самиот финиш успеа да го врати водството и да го донесе тимот до продолжение. Таму МекБрајер и Костоски го одведоа тимот до триумф над Подгорица од 93-95 во меч од шестото коло.
Костоски мечот го заврши со 28 поени и 9 асистенции, Андерсон имаше 13 поени.
Актуелниот освојувач на Купот на Македонија одигра поинаков меч од останатите оваа сезона во АБА2-лигата. Имаше бројни падови, но наоѓаше и сили да се врати резултатски. Ова на најдобар начин го покажа во последната четвртина. Откако Подгорица поведе со двоцифрени 67-55, кошаркарите на ТФТ со серија од 12-2 дојдоа на 69-67 во 35. минута. Костоски со тројка доближи на 71-70, а веќе во следниот напад македонскиот тим не искористи шанса да дојде до водство после долго време.
Андерсон со тројка изедначи на 75-75 во 36. минута за неизвесна завршница. Минута и пол на семафорот стоеја 77-77. Костоски беше причината поради која ТФТ го врати водството, постигна две тројки во серија, неговиот тим поведе со 81-83. На 10 секунди до крајот противникот израмни на 83-83, последниот напад избраниците на Боро Смилковски не го искористија, мечот отиде во продолжение.
Таму МекБрајер беше лидерот, постигна седум поени во три и пол минути. ТФТ повторно не ги користеше отворените шанси, па во незивесна завршница, Брновиќ реализираше само едно слободно фрлање за 91-92, Костоски беше сигурен од истото место за 91-94.
Претходно во првата четвртина ТФТ имаше и водство, но истото на крајот на овој период го превзема противникот, кој веќе во втората четвртина имаше плус 15 (42-27). По 67-55 на крајот на третата четвртина следеше кам-бек на македонскиот тим.
ТФТ во следното коло игра против Спарс, дуелот се игра на 22 овој месец.