Франција по поразот во финалето на СП во Катар е пред одлука, дали Дидие Дешамп останува на чело на репрезентацијата? Одговор на прашањето засега нема, иако има индиции за намерата на стратегот да продолжи да го води тимот.
По болниот пораз од Аргентина во финалето на Светското првенство во 2022 година, Дешамп одби да ја коментира својата иднина. Неговиот договор со Француската фудбалска федерација истекува на крајот на годината, а претседателот Ноел Ле Грае сака да се обнови договорот. Според „Л’Екип“, Дешамп ќе се согласи, но ќе инсистира да ја води селекцијата на Светското првенство во 2026 година, а не само на Евро 2024 година.
Во наредните денови се очекува средба меѓу стратегот и Ле Грае на која ќе се разговара за деталите од новиот договор. Францускиот претседател Емануел Макрон исто така го повика Дешамп да остане на чело на „Галските петли“. Под негово водство, тимот ги освои Светското првенство 2018 и Лигата на нации 2021 година, а играше и во финалето на Евро 2016 и Светското првенство 2022 година.