Дејан Манасков ќе биде еден од најискусните ракометари во таборот на македонската репрезентација на претстојното Светско првенство. Вардарецот после долго време се враќа во националниот дрес, поради повреда „скокна“ едно Европско и едно Светско првенство.
„Среќен сум што сум тука после долго време, во спортот е така, има и повреди. Со нетрпение го чекам ова првенство. Нова генерација, нов спој на ракометари, спој на искуство и младост. Тука сме помогнеме, да бидеме лидери на оваа генерација, ја прифаќаме таа улога. Треба да се подготвиме најдобро што можеме“, изјави Манасков на собирот.
Неговата самодоверба ќе биде и тоа како добредојдена. Верува дека младоста и искуството ќе го даде посакуваниот производ на Мундијалот, кој ќе се одржи во Шведска и Полска. Македонија е во тешка група, ќе игра против селекции како Норвешка, Холандија и Аргентина.
„Во спортот секогаш има изненадувања, ако не веруваме не треба да патуваме таму. Силно веруваме дека ќе ја поминеме групата. Пред нас имаме сериозни противници. Ако бидеме здрави, мислам дека ќе имаме успех. Немаме доволно натпревари одиграно против Холандија и Аргентина, тие се нови противници за нас и играат добар ракомет. За мене Холандија изгледа моќно на физички план, но сепак ќе подготвиме посебна тактика за секој од нив“.