Пелистер го запиша вториот пораз во АБА2-лига, откако беше совладан во дербито од Борац Бања Лука за кого настапува Теодор Симиќ со убедливи 67-89. Битолскиот тим пропушти шанса да се искачи во горниот дел од табелата на првиот меч на турнирот во Златибор. Ова му успеа на противникот.
Македонскиот репрезентативец, Тео Симиќ доби 18 минути на оваа средба, за истите постигна девет поени, пет скока и една асистенција. Кај Пелистер, Карутерс имаше 19 поени, зад него беше Хаџифејзовиќ запиша 15 поени.
Нешто изедначена битка видовме во првата четвртина во која водството се менуваше, а пред самиот крај Борац со серија од 7-0 поведе со 16-23. Од овој момент Пелистер почна да се губи на теренот, за кратко време имаше двоцифрена негатива од 21-31, а веќе на полувремето беше 32-48.
Со серија од 11-0, Борац на стартот на третата четвртина поведе со највисоки плус 25 (34-59). Битолчани на кратко се разбудија, но одново застанаа. Противникот ја имаше контролата на мечот, во 32 минута беше 50-80. Претходно Марјан Илиевски се обиде со пресинг да донесе промени на теренот, но ниту тоа не успеа.
За два дена Пелистер ќе ги одмери силите со Хелиос во рамките на седмото коло во АБА2-лига.