Сплит е нова шанса за МЗТ Скопје: Навивачите и нивната песна и тоа како ќе бидат важни!

120

МЗТ Скопје продолжува со пеколното темпо оваа сезона. По домашната обврска, следи нов предизвик во АБА-лига. Пред актуелниот македонски првак е нова шанса за победа во јадранското друштво, вечерва (19 часот) на домашен терен го пречекува тимот на Сплит. Станува збор за противник кој има една победа повеќе од МЗТ Скопје и кој е добро анализиран.

„Нашата желба е со голема енергија да влеземе во натпреварот против Сплит, да дадеме се од себе и да функционираме како тим. Добро го познаваме противникот, знаеме кои се нивните најдобри страни, но и нивните слабости кои ќе се обидеме да ги искористиме и на крајот ќе бидеме среќни. Уште еднаш ги повикувам нашите симпатизери и навивачи да дојдат да помогнат, нивната песна и тоа како ќе биде важна на еден ваков натпревар“, изјави Александар Петровиќ, тренерот на МЗТ Скопје. 

Дастин Вер, кој се врати во редовите на тимот од Аеродром верува дека на крајот ќе успеат да ја запишат посакуваната победа која ќе биде и тоа како значајна во остварување на целта – опстанок во АБА-лига.

„Пред нас е важно натпреварување во кое треба да го дадеме својот максимум. Играме на домашен терен, пред нашите навивачи и сигурен сум дека ако играме со самодоверба и ако го следиме планот што го постави стручниот штаб, на крајот ќе бидеме среќни заедно“, изјави Вер. 

ПретходноФИБА објави како ќе се стигне до дополнителните четири билети за Олимпијадата во Париз!
СледноДодека сите славеа со семејствата и децата само еден фудбалер беше сам! (ФОТО)