Мегваер уште во јануари го напушта Манчестер Јунајтед и потпишува за голем ривал?

1618

Хари Мегваер пристигна на „Олд Трафорд“ како големо засилување во летото 2019 година, кога Манчестер Јунајтед плати дури 87 милиони евра за неговиот потпис, што беше рекорд за еден дефанзивец.

Во Лестер задоволно ги триеа рацете бидејќи успеаја да дојдат до огромна сума на пари, а тој не се прослави баш по одлуката кариерата да ја продолжи во Манчестер Јунајтед.

Во претходните три години Мегваер не ги оправда очекувањата, а во последно време се повеќе е на удар на критичарите и навивачите на Јунајтед кои го исмеваат секој негов потег.

Сето ова навистина го притисна Мегваер, кој почна да греши од натпревар во натпревар, па поради тоа Ерик тен Хег реши да го пресели на клупата на почетокот од оваа сезона.

Мегваер изненадувачки беше редовен во тимот на Англија за Светското првенство и се надеваше дека ова може да го промени неговиот статус во тимот на „црвените ѓаволи“, но изгледа дека тоа нема да се случи.

Англиските медиуми пишуваат дека Мегваер е незадоволен што го загубил статусот на првотимец, особено што минатата сезона беше капитен.

Поради ова почна да се шпекулира дека овој 29-годишен фудбалер би можел да го напушти Манчестер Јунајтед и дека е решен веќе во јануари да го смени клубот бидејќи е свесен дека неговиот статус во тимот нема така лесно да се промени.

Мирор вчера објави дека нема да биде изненадување доколку Јунајтед се согласи да го продаде Мегваер, бидејќи еден клуб веќе покажа голем интерес за него, а тоа е Тотенхем.

Антонио Конте нема ништо против Мегваер да го засили неговиот тим, а лондонскиот клуб е подготвен да плати околу 25 милиони евра за овој дефанзивец, што е секако многу помалку од она што Јунајтед го плати за него пред нешто повеќе од три години.

Во првиот дел од сезоната, Мегваер одигра само четири натпревари во Премиершип, што е најдобар показател дека Тен Хег не смета премногу на него.

ПретходноФИФА отвори постапка поради познатиот турски готвач!
СледноРоналдо пристигнува пред најголемото дерби? Историскиот потпис – наскоро!