По серијата порази во АБА, меѓу кои беа двата на домашен терен против директните конкуренти за опстанок, Борац Чачак и Сплит, управата на МЗТ Скопје и тренерот Александар Петровиќ се договорија предвреме да ја прекинат меѓусебната соработка.
Искусниот стратег својот трет мандат на сино-белата клупа го почна во март годинава, откако претходно беше предводник на нашиот тим во периодот помеѓу 2001 и 2007 година односно помеѓу 2009 и 2011 година. Петровиќ минатата сезона ја одбрани домашната титула, а во АБА2 обезбеди промоција и покрај поразот во финалето на завршниот турнир против Златибор. Сезонава во Првата лига оствари учинок 9-1, но во јадранската конкуренција тимот оствари само две победи во вкупно 12 средби поради што е последнопласиран на табелата.
Раководството на клубот на Петровиќ му благодари за се што направи на клупата и му посака среќа во понатамошната кариера. Потрагата по неговата замена веќе е почната, а набргу ќе се знае името на новиот тренер.