Алкалоид денеска и официјално го промовираше својот нов дом, а тоа е салата во Автокоманда, која во изминатиот период претрпе големи градежни зафати. Истата е целосно реконструирана и во неа се вложени сериозни инвенстиции. Салата доби европски лик. На овој начин дебитантот во Супер-лигата уште еднаш потврди за своите сериозни амбиции во иднина. Не само сениорскиот тим, туку се осумте младински екипи, целта е една, со квалитетни тренинзи и услови да се вложи во иднинатата на македонскиот ракомет, кој засега ни носи големи успеси на национално ниво.
Главниот спонзор на овој тим, Живко Мукаетов по тој повод денеска на промоцијата на новата база на РК Алкалоид истакна:
„Пред година дена започнавме проект на визија, важен за мак-ракометот, основна цел е да се регрутираат млади таленти кои ќе ги научиме на добри човечки вредности и да имаме раст на мак-ракометот. Основна идеја и цел е да го шириме нашиот проект. Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место“ посочи Мукаетов.
Тој напомена дека желбите се да се добијат нови ракометни ѕвезди како Лазаров, Стоилов, Манасков, Миркуловски…
„Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба“ рече покрај другото Мукаетов.