ФОТО-ВЕСТ: Можев ли подобро?

512

МЗТ Скопје во продолжение на сезоната ќе биде под водство на нов стратег. Третата мисија на Александар Петровиќ на клупата на тимот од Аеродром и официјално заврши вчера.

Петровиќ кој остави длабок „белег’ во „сино-белите“ редови низ годините, не успеа да се избори со предизвикот кој го носи јадранското натпреварување. Менаџирањето на составот беше главниот проблем, МЗТ Скопје можеби со нема најдобриот ростер за успешно „пловење“ во АБА-лигата, но од друга страна сликата на теренот што ја даваа кошаркарите не беше убава за гледање.

И во времето кога Бре Ајви (кошаркарот за кој се сметаше дека е незаменлив и се препишаа дел од поразите по неговото заминување) беше на теренот и после него, не видовме „искра“ која ќе не убеди дека МЗТ Скопје може да покаже подобра игра во „високото“ друштво. Дури и оние навидум „изедначени“, па и добиени битки беа епизода на лоша кошарка.

Петровиќ мисијата ја завршува со десет порази и две победи во АБА-лига, главната причина за разделбата со актуелниот македонски првак. Сето ова беше недоволно за да остане да испише нова историја со неговиот омилен тим.

Петровиќ со своето искуство добро „пловеше“ во домашниот шампионат, каде и не треба големи вложувања, бидејќи тука приказната е поинаква.

Квалитетната и модерна игра во Македонија веќе долго време изостанува, ретко се применуваат новите европските трендови, додека сите одат напред ние правиме чекори назад.

Доколку МЗТ Скопје сака да изгледа подобро, ќе мора добро да го поткова целиот стручен штаб, да направи промени во ростерот за да ја спаси АБА-сезоната, бидејќи само смената на Петровиќ не е решение.

Наследникот ќе биде најдоцна познат до дуелот со Цибона, останува да видиме какви потези ќе повлече управата на клубот.

ПретходноПроблем за Јокиќ и Денвер, останаа без важен играч!
СледноФантастична честитка за Божиќ: „Ти благодариме, Папа Лионел! Највредниот подарок е дома… (ВИДЕО)