Јелена Антиќ до крајот на сезоната во дресот на Макаби Ашдод

162

Една од нашите најдобри кошаркарки, Јелена Антиќ, вториот дел од оваа натпреварувачка сезона ќе го мине во Израел, и тоа како дел од екипата на Макаби Ашдод, со која постигна договор кој е со важност до крајот на оваа сезона.

Ова ќе биде враќање на искусното репрезентативно крило во Европа, со оглед на тоа дека нејзиниот нов клуб игра во плеј-офот од ФИБА Еврокупот. Согласно со тоа и првите работни обврски ќе ги има веднаш по новогодишните празници, односно на 5. јануари за кога е закажан првиот од двата натпревари во рамките на елиминациите во ФИБА Еврокупот.

Во изминатиот период од оваа сезона, Јелена Антиќ беше најдобриот играч на скопски Вардар, а во претходната беше дел од екипата на Баскет Кам 2011 со која стигна до пехарот во националниот Куп.

Потписот со Макаби Ашдод ќе биде само дополнение во интернационалната кариера на Антиќ, а во нејзиниот „европски играчки фајл“ се запишани српските клубови, Партизан од Белград, Радивој Кораќ, потоа следуваат Ман Филтер, ЦСУ Алба Јулија, Лулеа баскет, Висла Краков и Намур Капитале.

Интересно е тоа што ова ќе биде и своевидно „враќање“ на Антиќ во овој израелски клуб, чии бои ги бранеше и во сезоната 2014/2015.

ПретходноЈокиќ го „пецна“ новинарот на ЕСПН: Не е мој Божиќ, но нека е среќен секако…(ВИДЕО)
СледноКевин де Брујнe за Фил Фоден: Најголемиот талент со кој сум играл