Георгиевски: Доминацијата на домашни играчи може да биде и предност! Јавноста мора да има трпение!

197

Македонската ракометна репрезентација полека привршува со првиот дел од подготовките за настап на престојното Светско првенство кое во јануари ќе се одржи во Шведска и Полска.

Нашиот најдобар национален тим од овој Мундијал ќе биде во еден поинаков изглед. Дојде промената на генерација, бројот на помлади играчи доминира, а истите на крилата на поискусните ќе се обидат на љубителите на ракометот да им приредат убави јануарски денови.

Еден од поискусните имиња во македонскиот тим е Гоце Георгиевски. Од Маворо ни ги пренесе импресиите од досегашниот тек на подготовките. Вели дека младите го даваат максимумот и влегуваат во процесот на создавање на ново подобро утре во овој спорт.

„Точно, репрезентацијата сега е поинаква, се базира на помладите репрезентативци. Јас на оваа цела приказна гледам позитивно. Подготовките во Маврово ги одработуваме максимално коректно, добро тренираме и најважно имаме добра атмосфера. Помладите играчи добро знаат што бара од нив, добро го сфаќаат, што пак е многу важен детал во овој процес. Ако продолжиме вака да работиме Македонија ќе биде на вистински пат и наредните години“, ни изјави Гоце Георгиевски.

Искусното крило побара од македонската јавност трпение, бидејќи за да се создаде иднина потребно е време, само со поддршка Македонија ќе стигне до посакуваното ниво.

„Ме радува што помладите не само што одлично ги прифаќаат сите наши совети, туку добро ги спроведуваат на терен тоа е најважно. Како што кажав овој тим е на вистински пат, но да не се лажеме ова е процес за кој треба време. Мислам дека и јавноста треба да има малку трпение“. 

Норвешка, Холандија и Аргентина се трите противници на „црвено-жолтите“ во групната фаза во Краков. Станува збор за квалитетни репрезентации, но и покрај помладувањето целта е една – пласман во главната фаза.

„Навистина е тешка групата, но ако не веруваме во себе подобро да не одиме на Светско првенство. Нема лесни противници, не одиме со бело знаме, одиме да се пласираме во главната рунда

Многу играчи ни доаѓаат од домашното првенство. Ај да кажам дека ако е некоја мана, можеби е ќе биде и предност бидејќи доста од репрезентативците играат заедно во ист клуб и добро се познаваат. Ние од Вардар, тука се ракометарите од Алкалоид, како и од Пелистер. Мислам дека горе-доле го играме истиот систем и во клубовите.  Може тоа да ни помогне, да дојдеме подобро воиграни на тоа Светско првенство“, додаде Георгиевски. 

Македонија првиот меч го игра на 13 јануари, за противник ја има селекцијата на Норвешка.

ПретходноЧитателите одбраа: Мусиала е најдобриот фудбалер на Баерн Минхен за 2022 година!
СледноЕтеми стрелец на убав гол во победата на Истанбулспор! (ВИДЕО)