Лазаров со една измена против Црна Гора, откри дел од плановите околу составот за СП!

204

Македонската ракометна репрезентација по неполни 24 часа денеска повторно ќе ги одмери силите со Црна Гора. Нашите момци вчера полесно од очекувањата вчера во Маврово ја совладаа оваа селекција со 38-33. И двете репрезентации не беа комплетни на оваа средба, предводникот на „црвено-жолтите“ Кирил Лазаров не сметаше на услугите на Никола Митревски, како и на Филип Кузмановски, две имиња кои на Светското првенство ќе бидат лидери во тимот.

За денешната средба Лазаров ќе направи една измена, во составот ќе биде Петар Атанасијевиќ, додека на трибините ќе се пресели Цветан Кузманоски. На вчерашната средба во составот не беа младите Александар Петковски и Давид Савревски.

„Николче ќе го поштедиме, имаше напорна сезона со Порто, среда – сабота натпревари. Одморот добро ќе му дојде, тој е професионалец, работи секој ден, ќе ни се приклучи од први јануари. Аце Петковски и Давид Савревски се иднина на македонскиот ракомет, сакав чисто да ја почувствуваат атмосферата и системот, да видат како се работи со репрезентацијата. Нив ќе ги имаме како резерва, сега за сега не сметаме на нив“, ни изјави Лазаров.

Македонската ракометна репрезентација во Скопје се враќа на 30. декември, во рамките на подготовките за СП ќе одигра уште два меча против Хрватска и Израел во рамките на „Кроација Купот“.

Мундијалот го отвара против Норвешка на 13 јануари, два дена подоцна се среќава со Холандија, додека групната фаза која се игра во Краков ја затвара на 17 јануари против Аргентина.

ПретходноСрамота: Македонија направи фудбалски земјотрес, Италија во солзи…, а Наумче и другарите тоа го заборавија!
СледноДејан Кулушевски е најдобриот фудбалер на Шведска за 2022 година