Срамота: Македонија направи фудбалски земјотрес, Италија во солзи…, а Наумче и другарите тоа го заборавија!

2058

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Срамота! Брука! Скандалозно! Може ли да се најде некој посоодветен збор за тоа што се случи вчера на изборот на најдобрите спортисти за 2022 година?

Замислете, најголемиот успех на нашиот спорт во оваа година што изминува, секако дека ова е само лично видување, не беше вреднуван во ниту една категорија, не беше ни споменат. Секоја чест за наградените, иако и тука имаше реакциии од повеќе страни, пред се од тренерот на Дејан Георгиевски, но да се заборави на 24 март и историската победа на Македонија во Палермо против една Италија на гости, е тоа е премногу.

Дали знаат Наумче Мојсовски и другарите дека тие ден-два по нашиот историски триумф над една Италија, Македонија беше во центарот на светската спортска јавност. Тоа беше невидена реклама на Македонија, кога со голот на Трајковски во 92. минута Македонија во баражот за СП ја елиминира една Италија. Дали знаат Наумче и другарите дека Македонија ја делеше само едно полувреме од пласман на Мундијалот во Катар?

Тие денови се случи невиден фудбалски земјотрес, па цел свет бруеше за фудбалска Македонија, за Македонија, а Италија беше солзи.

Дали знаат дека токму фудбалската репрезентација на Македонија, нашите фудбалери и секако селекторот Милевски, беа причината цели осум месеци во Италија да има плачење, да плачат од Манчини па се до првиот човек на Италијанската фудбалска федерација зошто ги нема(ше) во Катар на СП.

И тоа не беше доволно мерило да им се оддаде признание, да се споменат хероите од Палермо, барем да се каже збор – два и да им се заблагодари.

Јасно е зошто Наумче тоа го прави, проблемот е на друго место, а тој се вика ФФМ и неговата аверзија кон Куќата на фудбалот. Нам ни е јасно. Но кога е во прашање Македонија и изборот на најдобрите тука не смее да има суети, омаловажувања на успесите и заборавање на тоа кој што направил за Македонија.

Секој си има свој избор, свој фаворит, посебно оние кои со децении се во спортот. Но сепак требаа да има една граница, да знаеме што сакаме и да знаеме да ги цениме вистинските вредности. Токму затоа и ќе има реакции по секој избор, ќе има жестоки критики од оние кои не се задоволни, по вчерашниот избор и со право, рековме треба да се знае што е што и кој е кој во 2022 година.

И навистина дали доликува една таква икона како Кире Лазаров, на групното фото да биде во втор ред, да биде позади сите?

Човекот кој што доби признание, како и Пандев, за величенствена кариера, за спортски великан, да биде во втор ред.

Ова е уште еден скандал…

Кире заслужува секогаш и секаде да биде прв, да биде во преден план, да биде пред сите на групните фотографии, само на тој начин ќе покажеме дека си ги почитуваме нашите спортски икони и нашите великани.

Само така.

ПретходноИндија ќе се кандидира за домаќин на ЛОИ во 2036 година
СледноЛазаров со една измена против Црна Гора, откри дел од плановите околу составот за СП!