МОК ги прогласи најдобрите жени во спортот: Главниот лауреат за Поп-Арсова, уредничката на „Спортмедиа“ прогласена за најуспешна спортска новинарка!

402

Македонскиот Олимписки Комитет вчеравечер на свечената манифестација „Златна Олимпија“ ги прогласи најуспешните жени во спортот. Втората едиција на оваа посебна церемонија едно место ги обедини најдобрите спортистки, спортски менаџерки, спортски новинарки, женски тренери и судијки, главното мото беше „Бори се женски“.

На самиот почеток на настанот се додели признание на легендарните ракометарки од Кометал Ѓорче Петров, чија историска победа и Европска титула оваа година слави 20 години.

„Златна Олимпија“ е кулминација на спортските достигнувања и успешните приказни на спортистките и жените во спортот за 2022 година. Преку овој настан се реафирмира заложбата за постигнување родова еднаквост како и еднакви можности, еднаков пристап до ресурси и еднаква поддршка за сите спортистки и спортот во женска категорија.

На оваа манифестација признание доби и главната и одговорна уредничка на нашиот портал, Марија Ковачева, која е прогласена за најуспешна спортска новинарка за оваа година.

Најуспешна спортистка за 2022 година е Адријана Поп-Арсова (атлетски маратон). Најдобрата македонска атлетичарка-маратонка има забележителни успеси во континуитет, а зад себе има исклучително успешна година во која постави три нови државни рекорди – нов македонски рекорд во маратон, во трката на 10 километри и во трката на 5 километри. На маратонот во Копенхаген, Поп Арсова го постави новиот национален рекорд во маратон со време од 2 часа 35 минути и 29 секунди. На годинашниот Скопски маратон, постави нов рекорд во полумаратон. Минатиот месец на трката November Run Gevgelija Поп Арсова истрча нов национален рекорд на 10км со време од 34 минути и 2 секунди. Поп Арсова беше и единствен претставник од Македонија на Светското атлетско првенство во Орегон, САД, каде во маратонската трга го освои 28.место.

Најдобра спортистка со попреченост, Оливера Наковска-Бикова, која го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин (Обединети Арапски Емирати). Таа беше најдобра во дисциплината П4-пиштол во слободен избор. Во март годинава нашата параолимпијка го освои и златниот медал на Европското парапрвенство во стрелаштво, во Хамар, Норвешка, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.

Наградата за животно дело и припадна на Проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, поранешна кошаркарка на КК Студент и долгогодишна репрезентативка на Македонија, денес редовна професорка и деканка на Факултетот за физичка култура, авторка на повеќе научни трудови од областа на психологијата во физичкото образование и спортот, креатор и реализатро на многу успешни проекти во спортот и во наставата по физичко и здравствено образование во основните и во средните училишта, поборник за родова еднаквост и рамноправна застапеност на жените во сите сегменти во спортот. Проф.д-р Ленче Алексовска-Величковска е спортски психолог вклучена во работата на повеќе реномирани спортски клубови, македонски национални селекции, а истовремено работи индивидуално со голем број врвни спортисти (кошарка,фудбал, тенис, одбојка,скијање), предавач по спортска психологија во Едукативен центар за лиценцирани тренери при ФФМ.

Прогласени победнички:

Најдобра млада спортистка- Јадранка Темелкова (кикбокс)

Најдобар женски тренер-Симона Заборска (карате)

Најдобра женска репрезентација- Женска фудбалска репрезентација до 17 години

Посебно признание за животно дело – проф. Д-р. Ленче Алексовска-Величковска

Спортски подвиг за 2022- Катерина Шиповиќ (ултрамаратон)

Најуспешна спортска новинарка- Марија Ковачева (СПОРТМЕДИА)

Најуспешна спортска менаџерка- Ирена Митровска (кик-бокс)

Најдобра судијка, Ивана Пројковска (фудбал)

Најдобра спортистка со попреченост, Оливера Наковска-Бикова (стрелаштво)

Најуспешна спортистка за 2022 година е Адријана Поп-Арсова (атлетски маратон)

ПретходноЈане Николоски прв кандидат за клупата на Победа!?
СледноПјуник му кажа благодарам на Радески