Норвежанец блескаше на стартот на „Четири скокалници“

145

Со вечерашното натпреварување во германски Оберстдорф започна 71. новогодишна турнеја „Четири скокалници“.

Во препознатлива празнична атмосфера, пред голем број гледачи, вечерва најдобар беше Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд кој во првата серија скокна 142,5 метри и во втората серија 139 метри. Второто и третото место им припадна на полските претставници Пјотр Жила и лидерот во генералниот пласман Давид Кубацки.

На влезот во финишот од втората серија, кога на сцената требаше да излезат главните кандидати за победа, натпреварувањето беше прекинато десетина минути поради силен ветер, па тоа придонесе и возбудата да биде уште поголема.

Кога беа исполнети условите за продолжение, еуфоријата кај тамошните навивачи предизвика германскиот скокач Карл Гајгер кој прескокна 134 метри и во тој момент го зазеде првото место. Велингер настапи потоа, но неговите 132 метри не беа доволни за да го прескокне Гајгер.

А потоа, на сцената излегоа тројцата најдобри од првата серија. Прво, Полјакот Давид Кубацки, кој во втората серија прескокна 136 метри и го освои првото место, бидејќи во првата серија беше уште подобар – прескокна 140,5 метри.

Неговиот сонародник Пјотр Жила беше втор по првата серија, а одличен беше и во втората со 137 метри и го надмина Кубацки.

Конечно – Халвор Егнар Гранеруд од Норвешка кој вечерва беше незапирлив, со скок од 139 метри во втората серија го потврди првото место, од првото во кое прескокна 142,5 метри и со тоа во голем стил го освои Оберстдорф.

Минатогодишниот победник на турнејата, Риоју Кобајаши, сезонава е далеку од шампионската форма, вечерва прескокна скромни 124,5 и 120,5 метри.

Новогодишната турнеја продолжува на 1-ви јануари со скокови во Гармиш.

ПретходноВарадиновски е новиот тренер на Детонит!
СледноШкендија го победи Левски Софија за потписот на Максимов! (ФОТО+ВИДЕО)