Американката Микаела Шифрин, која во претходните два дена победи на две трки во велеслалом, денеска победи и на ноќната трка во слалом во австриски Семеринг.
За 27-годишната Американка тоа беше 80-та победа во кариерата во Светскиот куп севкупно, како и 50-та во слалом. Шифрин сè уште е во потера по рекордот на нејзината постара сонародничка Линдзи Вон, која во текот на кариерата постигна рекордни 82 победи во Светскиот куп за жени.
Брилијантната Шифрин водеше и по првото возење, а на крајот го задржа првото место, со 29 стотинки подобар резултат од сонародничката Пола Молцан, која заврши втора. На подиумот се искачи и Германката Лена Дуер.
Шифрин со 425 поени моментално е најдобра во слалом, а по неа е Швајцарката Венди Холденер со 370 и Влхова со 280 поени. Шифрин води и во генералниот пласман со 875 бодови.