МЗТ Скопје по продолжение поразен од Цибона во дебито на Николиќ

114

МЗТ Скопје не искористи голема шанса на последниот меч од оваа година да дојде до победа. На гостувањето кај Цибона по голема драма и продолжение беше поразен со 87-85 во дебито на Драган Николиќ во рамките на 13. коло во АБА-лига.

Тимот од Аеродром имаше голема шанса во регуларниот дел, но не ја искористи. Дозволи дуелот да се решава во продолжение, а таму човекот кој прво избори нова надеж за домаќинот, Капуста, го поведе својот тим кон победа.

Кефи постигна 19 поени, два помалку имаше Мицовиќ, Крстевски запиша 14 поени и 9 скока. На другата страна Капуста имаше 18 поени.

Актуелниот македонски првак изгледаше поинаку на овој натпревар. Иако Цибона дуелот го отвори според планот, поведе со 2-6, имаше и плус пет 11-6 и 14-9. Сепак кошаркарите на МЗТ Скопје не дозволија овој дуел да отиде во непосакуван правец. Ја зацврстија одбраната, особено во втората четвртина и со серија од 7-0 за првпат поведоа на мечот (22-23).

Противникот делуваше шокирано, во овој период добра партија пружи Бојан Крстевски запиша 10 поени, па МЗТ Скопје пред полувремето со нова серија од 7-0 дојде на плус четири 39-43. На одморот беше 41-45.

На стартот на третата четвртина МЗТ влезе уште посигурно, додека Цибона се мачеше, Дамјан и расположениот Кефи зголемија на 46-55, Американецот пропушти шанса за прво двоцифрено водство. Цибона успеа да ја прекине серијата на нашиот тим, со шест поени во низа дојде на 52-55. МЗТ Скопје две минути беше без постигнат поен, Мицовиќ го прекина молкот (51-58). Но, не беше доволно.

„Сино-белите“ влегоа во серија на грешки. Наместо посигурно водство во последните десет минути влезе со резултат 56-63. МЗТ Скопје не блескаше, нападот беше проблематичен, се форсираше шутот за три поени. Ова беше доволно за да Цибона дојде на минус два 72-74 на две минути до крајот.

Николиќ повика тајм-аут, не вроди плод, неговите момци промашија два напади. Ист случај беше со Цибона, Кефи на 30 секунди изнуди две слободни фрлања. Американецот погоди само едно за 72-75, стигна казната Капуста погоди тројка и израмни на 75-75, на другата Вер не погоди за триумф, мечот се решаваше во продолжение.

Таму се водеше изедначена битка, водството се менуваше постојано. Капуста беше главниот проблем на МЗТ Скопје, ги разигруваше своите момци, Цибона дојде на 87-83 на минута и десет секунди до крајот. Кефи намали на 87-85, Вер не успеа да израмни, топката излезе од обрачот, фаулот стигна касно, не остана многу време за македонскиот тим.

ПретходноСпортските новинари гласаа: Меси е спортист на годината, Аргентина е најдобра екипа!
СледноГотово е: Роналдо стави потпис на двегодишен договор со Ал – Наср! (ФОТО+ВИДЕО)