Македонската ракометна репрезентација денеска во Маврово ја завршува првата фаза од подготовките за настап на претстојното Светско првенство кое во јануари ќе се одржи во Шведска и Полска.
Кирил Лазаров и неговите избраници во овој дел одиграа и два пријателски натпревари против Црна Гора, забележаа победа и пораз. Предводникот на нашиот национален тим заедно со стручниот штаб ја има целосната слика за продолжението на подготовките за Мундијалот.
Ракометарите ќе бидат слободни само еден ден, тоа е утре, по што на први јануари веќе ја стартуваат втората фаза. Лазаров на располагање ќе го има комплетниот состав, се приклучува Никола Митревски, кој доби поштеда, но тренираше одделно, а во Скопје веќе се врати и Филип Кузмановски.
На 3. јануари тимот кој ќе игра на Светско првенство пред домашните фанови ќе го одигра мечот на деценијата против репрезентативните легенди, а веќе следниот ден заминува за Хрватска каде ќе одигра две пријателски средби, против домаќинот и Израел.
Нашите момци веднаш се враќаат во Скопје, на 11. е предвидено да заминат за Краков, градот во кој Македонија ќе игра групната фаза. Прв противник е Норвешка (13. јануари), следува мечот со Холандија два дена подоцна, додека на 17. јануари е закажан дуелот со Аргентина.
Првите три репрезентации од секоја група одат во главната фаза, додека последнопласираните ќе играат Прездент Куп.